Фото: Зоран Антоски

Со скромна свечeност, денес беше одбележана 76-годишнината од првото ослободување на Кичево, првоослободениот град во земјава, кој за време на НОВ бил ослободуван дури пет пати, а последното ослободување се случило на 15 ноември 1944 година.

По интонирањето на националната химна, пред музејот Западна Македонија во НОВ, беше подигнато знамето на Кичевско–Мавровскиот партизански одред и на јарболот ќе остане 21 ден, колку што траело и првото ослободување на Кичево.

Фото: Зоран Антоски

Потоа на присутните им се обрати Владо Дејаноски, претседател на Сојузот на борците на Кичево.

-Оваа година ја одбележуваме 76-годишнината од првото ослободување на Кичево. На овој ден борците на Кичевско-Мавровскиот партизански одред го ослободија градот, а следниот ден во слободно Кичево влезе и првиот македонски батаљон „Мирче Ацев“. Со тоа беше создадена голема слободна територија од Буковик на север до Ботун на југ. Кичево беше слободно 21 ден и затоа денес го подигаме победоносното знаме на  одредот ослободител – рече претседателот Дејаноски.

На слободната територија беше отворено и првото основно училиште на мајчин јазик во село Подвис.

Одбележувањето беше заокружено со полагање на венци и букети свежо цвеќе во Спомен костурницата на Китиното Кале, од страна на делегациите на Сојузот на борците, АРСМ, политичките партии, почитувачите на оваа епопеја и роднини на загинатите во времето на НОВ, родум од овој крај.

Фото: Зоран Антоски

З.А.