Денес пред споменикот во село Кленоец, беше одбележана 76-годишнината од крвавата битка во близина на ова село, каде голем број борци и месно население ги загубиле животите, меѓу другите и комесарот на втората оперативна зона, Јосиф Јосифоски- Свештарот, заменик комесарот Трајан Белев и многу други. Во „Македонската Кадињача“ животот го положиле 67 борци и триесетина жители од месното население.

Одбележувањето започна со полагање на букети свежо цвеќе пред монументалниот споменик од страна на Здружението на борците од Кичево и од Охрид, месната заедница село Кленоец, АРСМ, Сојузот на борците од Гевгелија, градот на Свештарот и голем број почитувачи на оваа епопеја.

– Денес во село Кленоец беше одбележана 76-годишнината на една од најкрвавите битки во Втората светска војна, што се одиграла во земјава и каде животите ги загубиле голем број на борци и жители од селото. Одбележувањето беше збогатено и со културно-уметничка програма, во која зедоа учество прилепската пејачка група „Преродба“, КУД „Младост“ Кичево, солисти пејачи, а поети читаа свои творби на тема од оваа епопеја – рече Зоран Стефаноски од Здружението на борци од Кичево.

Традиционално на ова одбележување, во црковната трпезарија, месната заедница од село Кленоец организира и заеднички ручек, војничко гравче за гостите присутни на ова одбележување .

Секоја година пензионерите од Гевгелија се присутни на овој ден, пред споменикот во Кленоец, за да му оддадат посебна почит на нивниот сограѓанин, народниот херој Јосиф Јосифоски-Свештарот.