Фото: Зоран Антоски

Денес со скромна свеченост, поради коронавирусот, беше одбележана 115 годишнината од смртта на Христо Димитров Узунов, македонски револуционер, учител и војвода и неговите соборци во село Цер-кичевско.

Пред споменикот на Узунов се поклонија почитувачите на животот и делото на големиот војвода од Кичево, претставници  на здружението со името на војводата од родниот град Охрид, претставници од МПО од Битола, почитувачи на Узунов од Прилеп и Демир Хисар.Тој на овој ден 1905 година, заедно со своите соборци, за да не паднат живи во рацете на бројниот турски аскер, кој во тоа априлско претпладне го обиколил селото Цер, се самоубиле. 

Почитувачите на животот и делото на Узунов, пред споменикот положија букети свежо цвеќе и потсетија дека нема година во која на овој ден не го посетиле ова култно место, кое е вистински показ за херојството на илинденците.

– Дваесет и четврти април ќе остане трајно врежан во нашата меморија, како ден кога пред 115 години тука во нашето село Цер, жртвувајќи го својот живот за да не паднат живи во рацете на непријателот, Христо Узунов и неговите соборци со саможртва го положиле својот живот. И после толку години спомените на овој настан не се бришат и ќе останат трајно врежани во нас и во генерациите кои допрва доаѓаат, како потсетник на едно време и показ како се брани  и сака татковината – рече Драган Шурбаноски, жител од село Цер и почитувач на делото на Узунов.

Херојството на Узунов и неговите соборци силно ќе одекне на европскиот континент и сите со бескрајна почит пишувале и зборувале за херојството на комитите и нивниот војвода.