Децата згрижени во објектот Тетекс на градинката Младост во Тетово, од септември ќе посетуваат целосно реновирани простории. Станува збор за најголемата реконструкција на градинките, за која ќе бидат потрошени 5 милиони денари, пари одвоени од општинскиот буџет.

– Конкретно се менуваат сите санитарни чворови, секоја занимална ќе има свој санитарен чвор за децата, се реновираат сите простории, се руши се што ни е старо, зашто од 1973 и 1977 кога се изградени овие објекти Тетекс 1 и 2, ова е најголема реконструкција или инвестиција. Истовремено, ќе се поставуваат лед светилки низ сите објекти, ќе се менуваат плочките и дотраениот паркет. Така што пред септември градинката ќе биде со комплетен нов внатрешен изглед – вели Рамие Даути, директорка на градинките Младост.

Увид во досега сработеното направи и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи,
според која оваа голема инвестиција ќе допринесе многу и за зголемување на енергетската ефикасност како и намалување на трошоците на оваа институција.

– Она што мене ми остави апсолутно добар впечаток е фактот дека се реновира
целата внатрешност, со нови подови, осветлување… Исто така, секоја просторија ќе има свој санитарен чвор, за децата да не мора да користат еден ист тоалет. Она што сакам да го истакнам е дека пред неколку години, кога ја зедовме на управување оваа институција, имавме долг од 3 милиони денари, сега веќе немаме. Плус, во состојба со средства од буџетот и ребалансите кои ни доаѓаат од страна на дотациите во општина Тетово, истите вакви инвестиции да можат да се реализираат. Важно е сите овие објекти да ги доевдеме во уште повисока категорија се со цел подобрување на условите за престој на децата, но и поради зголемување на енергетската ефикасност и инамалување на трошоците – изјави Теута Арифи при нејзината посета на објектот во реконструкција.

Инаку, децата кои без згрижени во објектот Тетекс, додека трае реконструкцијата,
се префрлени во просториите на другите градинки во Тетово. А.С.