Во Кавадарци синоќа се одржа првата работилница наменета за пчелари почетници од проектот Инкубатор за органско пчеларство „Витач“ на која предавач беше Мирољуб Голубовски професионален пчелар кој се занимава со научно истражувачка работа во делот на биологијата на пчелите.

Проектот Инкубатор за органско пчеларство се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан која е финансирана од Европска Унија и „ЈУЕНДИПИ“. Носител на проектот е здружението „Биовита“ од Кавадарци, а нивен соработник е здружението „Ековита“ од Неготино.

Цветанка Колева претседател на „Биовита“ најави дека целта на пректот е да обучи 11 млади лица почетници во пчеларството кои се уште не се сигурни дали пчеларството ќе биде нивна идна дејност.

-По завршувањето на работилниците наша цел е младите пчелари да си оформат свои сопствени пчеларници со кои би поттикнале или барем малку би влијаеле кон враќање во руралните средини кои во нашата општина се напуштаат и ќе помогнат во нивно заживување. Но, пред се во овој проект ставаме акцент на органското пчеларство со што комплетно го заштитуваме сакајќи да продолжиме кон насока на здрав живот. Лично многу ме радува што целната група од 11 се зголемува на 15 заради зголемениот интерес и слободно можам да кажам дека процентот на невработени од нив се движи од 70 до 80% – вели Цветанка Колева од „Биовита“.

Целиот проект ќе трае 8 месеци, ќе се одржат пет тематски работилници, по што од мај до септември ќе се работи на терен на пчеларник. Медот што ќе го произведат во Инкубаторот „Витач“ ќе биде наменет за загрозени семејства до кои ќе дојдат со посредство на Центарот за социјални работи.

-Бенефитот од проектот ќе биде тоа што секој член од целната група ќе добие комплетна пчеларска опрема, сертификат за положен испит од органско пчеларство издаден од Работнички универзитет и на крај по две млади пчелни семејства кои тие самите ќе ги направат при вежбите. Пчелните семејства ќе ги однесат на нивни локации претходно со консултација со стручни лица и сами ќе продолжат да се грижат за нив со цел да ги зголемат семејствата. По завршувањето на проектот Инкубатор „Витач“ се обврзува наредните две години да биде нивни ментор, да ги надгледува и да им помага. Доколку биде потребно да отиде до пчеларникот или тие да дојдат кај нив и заеднички да го надминат проблемот. Воедно со овој проект лично посакувам да се зголеми бројот на жени пчеларки, но и да се намали старосната граница на пчеларите во Македонија – посочи  Колева.

Ми.М.