Советниците од советот на општината Берово ја проследуваат првата обука во рамките на проектот,,Зајакнување на општинските совети“. За општината, ова претставува нов почеток на локалната демократија. Главна цел на проектот е советите да станат поефективни и автономни тела и подобро да се справуваат со влијанието на извршната власт, преку соодветно исполнување на својата уставно доделена улога за одлучување, надзор и застапување.

– Првиот модул од обуката опфаќа теми како партиципативност, транспарентност на советите, креирање граѓански буџет, односите со јавност на советите и слично. Во рамките на проектот, советниците од советот на општината Берово и административните службеници ќе имаат можност да проследат неколку модули и ќе обработуваат различни теми, кои ќе ги опфатат сите општински надлежности. Обуките се дел од проектот, вреден 3,4 милиони швајцарски франци, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка СДЦ. Тој е имплементиран од Програмата за развој и соработка УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството зa финансии, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружението на финансиски работници и УН вомен – информираат од општината Берово.

Обуката ќе помогне советниците да ги зголемат транспарентноста и отчетноста на градоначалникот кон советот и на општината кон граѓаните и ќе се подобрат условите за живот во локалната заедница, преку успешно спроведување приоритетни проекти на заедницата.

Во рамките на проектниот форум, граѓаните на општината Берово ќе имаат можност да учествуваат во донесувањето одлука на локално ниво, за тоа кој проект од „Социјална инклузија“ ќе се реализира со проектниот грант, во износ од максимум 2.700.000 денари.