На најстарата и најголема детска градинка во Кичево „Олга Мицеска“, поставена е нова ограда, висока 1,5 метри, од пластифицирана жица. Новата ограда ќе го подобри како естетскиот изглед на градинката, така ќе оневозможи и влегување во двориштето на кучињата скитници, што досега не беше случај и кои беа латентна опасност за дечињата и персоналот во градинката. Исто така поставени се и нови корпи за отпадоци, со што и хигиената во кругот и пред градинката да биде на повисоко рамниште.

Средствата за овој зафат обезбедени се од сопствени извори на самата установа, каде се сместени 150 деца на возраст од 1 до 6 години.

-За да го подобриме естетскиот изглед на кругот од детската градинка и да го спречиме влегувањето на кучиња скитници во дворот, што беше постојана појава, поставивме нова современа ограда од пластифицирана жица со височина од 1,5 метри.Оградата ќе има долг век на траење, бидејќи е пластифицирана и тоа ќе оневозможи да рѓосува и бргу да се оштетува.Средствата во износ од 4 000 евра ги обезбедивме од сопствени извори.Со овој зафат, со промената на старите дрвени прозорци со нови ПВЦ прозорци и, со изградбата на паркинг простор пред детската градинка, овозможивме условите во самата градинка и предворјето значително да се подобрат а со тоа да се подобри и нејзината функционалност во целина.Од надворешната страна на оградата поставени се и нови корпи за отпадоци, со што ќе се подобри и хигиената во двориштето и на влезот од градинката Покрај овој зафат, на градинката Клон поставивме нов пластифициран покрив а ја преуредивме и внатрешноста на самата градинка, со што и таму овозможивме условите за престој да бидат многу поблагопријатни-истакна Садик Ахети ,директор на детските градинки во Кичево, кои функционираат со една управа.

Зоран Антоски