Фото: Зоран Антоски

Ако до пред два-три дена жителите на Кичевијата беа загрижени поради долготрајната суша и празните речни корита, деновиве природата го покажа својот карактер, кога водотеците од овој регион, по интензивните врнежи од дожд толку многу пораснаа, што немаше река или суводолица која не им создаде проблеми на месните жители.

Така најголемата река во регионот Треска се излеа од своето корито на потегот од селото Бигор Доленци до Пласница и каде под вода се наоѓаат над 150 хектари ораници и ливади. Надојдените реки создадоа проблеми и во самиот град.

– Поради високиот водостој изминатите два дена реките им создадоа многу главоболки на жителите на Кичево. Така од водите на Зајашка Река полавени се поголем број на куќи на улица Прилепска, а во црпењето на водата се вклучи и возило од противпожарната служба. Од водите на Иванидол поплавени се објекти во горниот дел на каналот, кој поради неконтролираното фрлање на секаков вид на отпад е со намален проток на вода. Проблеми содадоа и стеблата и гранките кои силните буици ги донесоа на мостот на Треска на патот Кичево – Прилеп и каде постоеше опасност мостот од надојдените води и стебла да се оштети. Поплавите што ги создаде Треска низводно од Кичево под вода оставија поголеми површини ниви и ливади. Треба да очекуваме да се намалат врнежите да се спушти нивото на Треска и да почне водата да се повлекува од нивите и ливадите и потоа да се проценат направените штети – истакнаа од РЦУК Кичево. З.А.