Фото: Васка. М. Младеновска

По повеќе од четири години одолжување, деновиве е санирано свлечиштето, кое беше ноќна мора за возачите од целиот пелагониски регион, но и за жителите на Битола

Битолчани, а и жителите од пелагонискиот регион, особено од Прилеп, Новаци, Могила, Демир Хисар, Крушево… конечно можат за Преспа и за Охрид да патуваат низ Битола. По повеќе од четири години одолжување, деновиве е санирано свлечиштето над Битола, кое беше ноќна мора за возачите од целиот овој регион.
Градежната фирма „Илинден“ од Струга ги заврши сите градежни активности за санирање на свлечиштето, па Јавното претпријатие за државни патишта, како и Градежниот институт на Македонија, кој беше надзор на изведбените работи, дадоа дозвола „семафорите“, со кои додека се работеше на обиколницата се регулираше сообраќајот на еден дел од патот, да се отстранат и патот конечно да се пушти во сообраќај. Според зборовите на директорот на подрачна единица на „Македонија пат“, Беким Мемеди, веќе не постојат никакви пречки или опасности за нормално одвивање на сообраќајот по овој патен правец.

– Патниот правец над Битола, од Прилеп за Ресен и за Охрид е конечно прооден. Деновиве дефинитивно е санирано свлечиштето на овој патен правец во должина од над 400 метри, кое постојано се јавуваше при секои обилни или повремени врнежи на дожд. Покрај тоа што е изграден бетонски потпорен ѕид, направени се и други заштитни прегради, а решен е и проблемот со појавата на евентуални други свлечишта на тој дел од патот, кои поради растреситоста на земјиштето, се јавуваа и при најмали врнежи од дожд – изјави Мемеди.
Инаку, санирањето на свлечиштето на обиколницата над Битола не ги израдува само возачите, кои од Прилеп преку Битола патуваат за Преспа и за Охрид, туку и самите битолчани, кои во изминатите неколку години ги трпеа последиците од честите одрони и забрани за одвивање на сообраќајот по тој патен правец.

Имено, поради забраната, целиот сообраќај од Прилеп преку Битола за Преспа и за Охрид беше пренасочуван преку градските улици на Битола, каде што се движеа голем број не само лесни, туку и тешки товарни возила. Тие не само што го отежнуваа нормалното одвивање на сообраќајот во градот туку во голема мера и го загадуваа и онака загадениот воздух.
Токму поради тоа граѓаните на Битола доста често гласно протестираа против таквиот начин на регулирање на сообраќајот и бараа од локалната самоуправа приоритетно да се зафати со санирање на свлечиштето.
И покрај тоа што градоначалничката Наташа Петровска уште првиот ден, кога стапна на градоначалничката функција се зафати со решавање на овој проблем и побара од Јавното претпријатие за државни патишта да го санира свлечиштето, нестрпливите битолчани постојано ја критикуваа на социјалните мрежи и на седниците на советот дека не прави ништо за решавање на овој проблем.
Деновиве, откако е санирано свлечиштето и патниот правец Прилеп – Битола – Ресен – Охрид повторно е прооден и безбеден за одвивање на сообраќајот, битолчани здивнаа и со помалку нервози го очекуваат претстојното лето.

– Санирање на свлечиштето беше приоритетна задача за локалната самоуправа, зашто навистина свлечиштето, поради кое патот беше почесто затворен отколку отворен за сообракај, ни создаваше проблем и тоа не само на тој дел од патот, каде што некои несовесни возачи и покрај забраната се движеа, туку и поради пренасочувањето на сообраќајот низ улиците во Битола што создаваше вистински метеж во градот. Сега ќе можеме да се насочиме кон решавање на другите проблем со кои се соочуваме на тој дел од патот, пред сѐ истиот тој да го одржуваме чист и да ги отстраниме „блокадите“ од депониите од смет, кои по секое генерално чистење повторно се јавуваат – велат од локалната самоуправа. Санирањето на свлечиштето над Битола е изведено по проектот што го изработи Јавното претпријатие за државни патишта, а надзорот на изведбените работи ги вршеше Градежниот институт на Македонија.