Фото: Зоран Антоски

Делумното исполнување на барањата потребни за учениците од повисоките одделенија во општина Пласница и во Лисичани да следат онлајн настава предизвика револт и разочараност кај самите ученици, наставници и родители, бидејќи дел од нив дома немаат компјутер и интернет.

– Навистина сме многу разочарани од одлуката на Комисијата, дел од учениците наставата да ја следат онлајн а не како што планиравме, сите ученици, околу 500 во двете училишта ЦОУ „Мустафа Кемал Ататурк“ во Пласница и „Јунус Емре“ во Лисичани, наставата да ја следат со физичко присуство. На наше прашање зошто целосно не се прифатени барањата, од Комисијата велат дека тоа е поради лошата епидемиолошка слика од претходно во нашата општина, што според нас не е издржано. Советот на родители е за бојкот на наставата, ако не се прифати нивното барање – вели градоначалникот Елсан Нурчески.

Тој додава дека има семејства со повеќе деца кои треба да следат онлајн настава, а имаат само еден комјутер. Тој прашува како тие ќе функционираат и наведува дека  има семејства каде што воопшто немаат комјутер, ниту интернет. Згора на сѐ, и во нивните училишта има недостаток од комјутери, па затоа од Министерството за образование побарале 21 компјутер, а им биле одобрени само седум.

– После овие факти, дали е основно дел од децата да не ја следат наставата во училиште? – додава Нурчески. З.А.