КИЧЕВО

Веќе неколку месеци се реализира проектот за ревитализација на Китино кале. Тој е финансиски поддржан од Светската банка и од Општина Кичево. Проектот целосно ќе биде завршен во мај в година.
– Веќе се наѕираат контурите на новиот изглед на калето и според наши процени се завршени 70 проценти од проектот и за очекување е истиот тој целосно да биде завршен во мај следната година. Според овој проект, вреден над 650 илјади евра, треба да се изградат пет фонтани, неколку детски игралишта со неопходните реквизити, мултимедијален центар, кој ќе служи за промоции и други културни содржини, а ќе има и ресторан. Ќе биде изградено пензионерско катче и на врвот на калето ќе има изграден амфитеатар со летна сцена. Во калето ќе бидат поставени и 100 канделабри. Со сите содржини калето ќе доживее вистинска преродба и нов непрепознатлив изглед – истакна Дарко Белески од Општината.

Во крајна фаза е и изградбата на мултимедијалниот центар, а освен тоа се завршени патот до калето и поранешниот ресторан. Работите во голема мера зависат и од временската ситуација и ако продолжи убавото време, уште доста планирани зафати ќе бидат завршени.
Калето ќе има 24-часовно обезбедување. Граѓаните од блиските населби велат дека Кичево било и ќе остане запаметено по убавото кале, а по овие зафати ќе блесне во нов сјај и повторно ќе биде посакувано место за посета од лицата што транзитираат низ градот.