ВЕЛЕС

Со настапот на најмалите велешанчиња, децата од детската градинка „Димче Мирчев“, беше одбележан Светскиот ден на животната средина. По тој повод беше направено езерце во Градскиот парк. На настанот што го организира Општина Велес присуствуваа граѓани, градоначалникот Коцевски, пратеникот Игор Здравковски, членови на Советот, директори на јавни институции основани од Општината.
Градоначалникот Коцевски изрази голема благодарност до членовите на Советот на Општина Велес и на вработените на јавното комунално претпријатие „Дервен“ за изградбата на ова прекрасно катче.
– Би сакал да кажам дека ова место, кое до пред извесно време беше мошне запоставено иако некогаш беше култно место, кое повозрасните го паметат по Црвенкапа, го претворивме во едно убаво катче во кое верувам дека ќе уживаат пред сѐ, најмладите, дечињата, а потоа и повозрасните, дека тука ќе се случуваат многу убави моменти, ќе никнуваат нови пријателства, другарства, се разбира и нови љубови – рече Коцевски.

Езерцето се протега на површина од 1.000 квадратни метри, се користи природна изворска вода, просторот околу него е хортикултурно уреден и збогатен со клупи и канти за отпадоци. За изградба на езерцето, Општина Велес обезбеди финансиски средства од сопствениот буџет, преку програмата за заштита на животната средина за 2020 година, во висина од 2.000.000 денари. Настанот го збогати и настапот на децата од балетското студио „Анабела“.
Свеченото отворање на езерцето е во пресрет на Светскиот ден на животната средина, 5 јуни. Градоначалникот Коцевски упати апел до сите граѓани да го чуваат ова прекрасно катче како свое, затоа што не само што имаме право да живееме во здрава и чиста средина туку имаме и обврска да ја чуваме и заштитуваме.