БИТОЛА

Медицинското училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола, кое е комплетно реновирано, целосно доби нов лик. Деновиве, откако училиштето доби нова енергетска фасада, нова ПВЦ-дограма и изолација на покривот, почнаа реконструктивните зафати на руинираните училници што ќе станат кабинети, кои ќе овозможуваат идеални услови за изведување на практичната настава за забните техничари, техничарите за очна оптика и фармацевтите.
– Во моментот се врши осовременување на кабинетите за практична настава за профилите медицинска сестра, гинеколошко-акушерска сестра и физиотерапевтски техничар. Паралелно со тоа во училиштето во тек е и набавка на нагледни средства и материјали за работа за да можат учениците да ги стекнат потребите знаења и вештини – вели директорката на Медицинското училиште, Наташа Илиева.
Дел од парите за реконструкција на училиштето се обезбедени од Министерството за животна средина, кое издвои 1,5 милион денари, а со донација од веледрогеријата „Еурофарм“ се обновени и лабораториите каде што фармацевтските техничари ќе изведуваат практична настава.

Исто така, со средства од Општина Битола и сопствени средства на училиштето се надминати проблемите за изведување онлајн настава, со тоа што се обезбедени 16 нови современи компјутери, по еден во секоја училница, за да може наставникот непречено да ја одржува наставата.
Паралелно со тоа е обезбеден и брз оптички интернет, како и современа ЛАН-мрежа, која сосема ги задоволува потребите за најголемото училиште во регионот по бројот на ученици. Сите активности за реконструкција и за опремување на училиштето се реализирани откако беше деблокирана сметката и откако беа вратени долговите што изнесуваа над 500.000 евра.