КАРПОШ

Меѓу зградите на улицата Московска во Тафталиџе, Општина Карпош засадува ново зеленило, поточно 108 украсни растенија. На овој начин јавниот простор во овој дел од Карпош се раззеленува, добива нов лик и вредност.
За да се обезбедат одржување и долготрајност на зеленилото, претходните денови на оваа локација беше поставен и систем за наводнување. Исто така, на овој потег е предвидено засадување и на нова тревна површина, а локалната самоуправа е во подготовка на план и за обнова на партерниот дел.
– Општина Карпош сериозно вложува во надоместување на изгубеното зеленило и во унапредување на зелениот фонд меѓу зградите. Намерата е да се создадат нови зелени површини – места за рекреација на граѓаните, но и зеленило што ќе придонесе за намалување на загадувањето на воздухот. Ги повикуваме граѓаните да бидат одговорни кон јавните површини, зеленилото и урбаната опрема – апелираат од општината.