Кочани

Во Кочани изградбата на детското игралиште во трговскиот центар е во завршна фаза и веќе се поставени и реквизитите. Новиот терен за детска игра ќе има гумена подна подлога, зеленило, бекатон-патеки, урбана опрема и ќе биде осветлен со четири парковски столба. Трговскиот центар е петтата локација за нови детски игралишта во Кочани. Веќе се готови игралиштата во Грдовци, на улицата 1 мај во Белското Маало и во населбата Драчевик, кај социјалните згради. На малата инсталација спроти ветеринарната станица ќе биде поставен нов асфалтен слој на теренот пред станбените згради.

– Со уредувањето на игралиштето, чија површина е 460 квадратни метри, се одговара на потребите на децата во најпрометниот простор во Кочани. Изградбата на ова детско игралиште се наметна како еден вид завршница на реконструкцијата на трговскиот центар, кој од пролетва е со нов плочник, осветлување, урбано зеленило и комунална опрема – објаснуваат од Општина Кочани.

Паралелно со детските игралишта се уредуваат и повеќенаменските во Грдовци и во Прибачево, а реконструкцијата на игралиштето во Тркање е завршена.
Сите овие јавни терени се градат со средства од буџетот на Општина Кочани, а се издвоени и три милиони денари за реконструкција на другите игралишта во градот и во населените места, како и за целосна реконструкција на детското игралиште во населбата Бавчалук.