На Општина Гевгелија ѝ се одобрени финансиски средства во висина од 654.068 денари за санација на два полски пата во атарите на населеното место Богородица, информираат во Општината.
– Станува збор за санација на полски патишта во должина од 1.625 метри. Имено, средствата се обезбедени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за кои Општина Гевгелија, преку југоисточниот плански регион, аплицираше на објавениот повик, во согласност со програмата за капитални субвенции за развој на плански региони во областа на земјоделството и руралниот развој. Раководителката Жулиета Ѓуркова ќе ги потпише договорите за финансирање на проектите, одобрени за Општина Гевгелија, Општина Богданци, Општина Валандово и Општина Струмица, во висина од 2.757.037 денари. По потпишувањето на договорите со МЗШВ, ќе се спроведе тендерска постапка за избор на изведувач на одобрените проекти – велат во Општината.
Градоначалникот Сашо Поцков изрази задоволство што и оваа година на Општина Гевгелија ѝ се одобрени средства за санација на полските патишта.
– Со реализацијата на ваквите проекти значително ќе се подобри пристапноста до обработливите површини во подрачјата на интензивна земјоделска дејност. Имено, минатата година, со одобрените средства од истата програма на МЗШВ, во атарот на населеното место Богородица беше ревитализиран полски пат во должина од 260 метри – вели тој.