Неготино

Во согласност со проектот ЕНПОЛ-ЕЕ, за замена на старите со нови улични штедливи ЛЕД-светилки и вршењето дислокација на автоматиката во посебни ормани, во општината Неготино во тек е поставувањето на орманите надвор од објектите-трафостаниците во сопственост на ЕВН. Досега се поставени 15 нови ормани од вкупно 42. На терен ќе се работи и во наредните денови. Со поставувањето на опремата, во овие ормани во иднина општината Неготино нема да има потреба, како што беше случај досега, од асистенција од страна на ЕВН, која се наплатува при одржувањето на уличното осветлување, туку ќе има свое независно одржување.

Од друга страна, со поставувањето елементи за автоматско вклучување и исклучување, независно од надворешните услови, според согледувањата на стручните служби во однос на сегашното вклучување и исклучување на јавното осветлување, се очекува заштеда на електрична енергија од 10 проценти. Со завршувањето на овие активности, практично ќе биде завршена и главната компонента од овој проект.

Проектот ЕНПОЛ-ЕЕ од ИПА-програмата за прекугранична соработка со Грција до крајот од неговата реализација има и други активности во правец на промоција и издигање на јавната свест за важноста од енергетската ефикасност и искористувањето на обновливите извори на енергија.