Фото: Зоран Антоски

Иако граѓаните на Кичево и регионот очекуваа, по три децении конечно да биде завршена новата зграда на кичевската општа болница, која почна да се гради пред 30 години, сепак се чини дека овој објект е далеку од целосно завршување и според изјавите на одговорните во кичевското здравство, новиот објект треба да биде завршен до крајот на 2020 година.

И додека не се доизгради новата општа болница, за да се подобрат условите за работа се пристапи кон санирање на постоечките згради во кои досега функционира болницата.

-За да ги подобриме условите за работа во нашата болница, пристапивме кон нивно реновирање и зголемување на стандардите, како за вработените така и за пациентите. Така во зградата каде што се наоѓа интерното одделение и болничкиот оддел, при крај е изградбата на лифт со голема носивост, што ќе овозможи изнемоштените пациенти наместо по скали да се транспортираат со овој лифт, што во значителна мерка ќе ја олесни работата како на вработените, така и на најблиските на самите пациенти-најави директорката Биљана Настеска.

Покрај овој зафат, во ек е поставување на нов покрив на најстарата зграда во кичевската општа болница, изградена во далечната 1926 година.

-За да го спасиме најстариот објект во нашата болница од уште поголемо оштетување, бидејќи целосно прокиснуваше, пристапивме кон поставување на нов пластифициран покрив, кој ќе оневозможи натамошно прокиснување на објектот и спречување на негово целосно пропаѓање. Откако ќе заврши овој зафат, стариот болнички објект во целост ќе го варосаме, од ординации и чекални, комплетно ќе ги реновираме и санитарните јазли, со што во значителна мерка ќе ги подобриме и условите за работа на медицинскиот персонал и на пациентите-додаде Настеска.

Инаку за комплетно завршување на новиот објект на кичевската општа болница потребни се 300 милиони денари, средства што во наредните три години треба да ги обезбеди Министерството за здравство на Република Македонија, а дотогаш пациентите ќе мора да се прилагодат на постоечките услови во болницата.

Граѓаните се тие кои ги чуствуваат последиците од несодветните услови во кои ги добиваат здравствените услуги и се повеќе губат надеж дека некогаш ќе се доврши започнатата болничка зграда.

З.А.