КИЧЕВО

За да се подобрат условите за престој во училиштето и да нема кал во дождливиот период од годината, раководството на основното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ од Кичево постави нови бекатон-плочки на поширокиот потег од влезот во училишната зграда.
– Со средства обезбедени од блок-дотации што се наменети за нашето училиште и други заштеди, нови бекатон-плочки поставивме во поширокиот потег од влезот на училишната зграда. Поставувањето на новите плочки го извршија вработени во нашето училиште, единствено јавното комунално претпријатие „Комуналец“ ни излезе во пресрет и ни ја позајми машината за набивање и рамнење на подлогата, за што сме им бескрајно благодарни – вели директорката на училиштето, Илинка Анѓелеска.
Таа посочи дека поставувањето на бекатон-плочките на поширокиот потег од влезот на училиштето ќе им овозможи на учениците, кога ќе бидат на одмор и ќе престојуваат надвор, да не газат кал или прашина, а во исто време новопоставените плочки помагаат хигиената во ходниците од училиштето да биде многу поголема, бидејќи нема да се носи нечистотија од училишниот двор.
Директорката потсети дека таму каде што нема поставено бекатон-плочки има засадено трева и повеќе видови зимзелени дрвца, што го чини училишниот двор да биде многу поубав.