Во пресрет на новата 2021 година ставен е во употреба новиот армирано-бетонски мост на Градска река, прв од ваков вид кој во Прилеп се гради после 48 години. На свеченоста присуствуваа градоначалникот на општина Прилеп Илија Јованоски и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

– Благодетот од новиот мост на улицата „Трајко Николоски“ ќе го користиме сите ние, но и идните генерации во следните 50 и повеќе години. Површината на мостот е 849 квадратни метри, должината е 24 метри, а заедно со мосниците 30 метри. Во најтесниот дел мостот е широк 22 метра, а за неговата изградба од општинскиот буџет се одделија 35 милиони денари. Мостот ќе ги поврзува не само граѓаните од двете страни на реката, туку и двете индустриски зони каде има најголем проток на товарни возила, автомобили, велосипеди и пешаци – рече градоначалникот Илија Јованоски, при тоа посочувајќи дека во новата 2021 година, ќе биде реконструирана и улицата „Трајко Николоски“, на потегот од новиот мост, преку железничкиот премин, до улицата „Александар Македонски“, во вкупна должина од 400 метра, за што од буџетот се издвоени 18 милиони денари.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски посочи дека ваквите инфраструктурни проекти даваат шанса за развој на општините, за развој на
бизнис секторот и за посилен локален економски развој.

За инфраструктурните проекти за следната година, во Прилеп предвидени се вкупно 81 милион денари, за реконструкција на улици во градот и населените места, за новата детска градинка, затворениот базен и реконструкцијата на Старата чаршија“. Ка.М.