Откако ЈКП „Комуналец“ Кичево, се снабди со современа опрема за обележување на градските улици, во овој град се практикува двапати годишно вработените во ова претпријатие да ја освежуваат хоризонталната сигнализација. Приоритет во ова обележување имаат улиците пред училиштата, градинките и на најфреквентните сообраќајници во градот.

Деновиве комуналците го користат убавото, сончево и суво време, за целосно да ја завршат започнатата работа.

– За да ја подобриме безбедноста на пешаците во нашиот град, деновиве ја освежуваме хоризонталната сигнализација на градските улици. Првенствена цел ни е да ги освежиме пешачките премини пред училиштата, градинките и деловите на градот каде што фреквенцијата на пешаци и возила е најголема. Со тековното освежување на пешачките премини, имаме за цел на најмладите жители на градот да им ја подобриме безбедноста, за во секое време спокојно да ги поминуваат сообраќајниците во текот на денот, независно од интензитетот на сообраќајот. Овие зебри во ноќните часови рефлектираат и одредена светлина, со што дополнително се зголемува нивната видливост за возачите, а со тоа и сигурноста на пешаците – истакнуваат од комуналното претпријатие.

Инаку покрај пешачките премини, пред овие објекти се поставени и „легнати полицајци“, што дополнително придонесува учесниците во сообраќајот да ја намалат брзината, а пешаците, пред се децата, без поголем ризик да ја преминат улицата. З.А.