ОХРИД

Како дел од Програмата за развој на туризмот, Општина Охрид изработи нова стратегија за развој на туризмот за периодот од 2020 до 2025 година. Стратегијата е изработена од страна на стручни научни работници од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, во согласност со условите на јавниот повик за изработка на овој стратегиски документ, кој беше објавен во 2020 година.
– Новата стратегија е изработена врз база на темелни анализи на постојната состојба и ја дефинира долгорочната визија, стратегискиот правец, целите и приоритетните проекти за идниот развој на туризмот. Документот е во согласност со основните принципи на УНЕСКО за заштитени подрачја, со националното законодавство за управување со заштитени подрачја, како и со други погранични и регионални стратегии и планови за управување со природни ресурси.

Развојот на Охрид како најпривлечна туристичка дестинација се темели на долгата традиција, посветеноста на менаџментските структури во управувањето со општината, засегнатите страни вклучени во оваа дејност и условите што подразбираат поврзаност на атрактивната и рецептивната развојна основа. Одржливиот развој на туризмот во оваа туристичка дестинација има особено значење затоа што ресурсите за развој се со изразита димензија – велат во Општината.

Стратегиското планирање на туризмот во општината треба да ги валоризира и оптимално да ги користи своите ресурси со оглед на богатството што го поседува, како во природната така и во културната сфера, што го определува како приоритетна категорија.
Одржливиот туристички развој треба да се прифати како дејност во која вреди да се инвестира, да се прецизираат придобивките од неговиот развој, да се подобри интересот на домашната и на меѓународната јавност и да биде фундамент врз кој ќе се донесуваат други акти, планови и програми.