Фото: Зоран Антоски

Денес со мала свеченост и во присуство на министрите за економија Крешник Бектеши, министерот на МОН, Арбер Адеми и градоначалникот Фатмир Дехари, беше ставен камен-темелник на нова спортска сала во ЦОУ „Милто Гура“ во село Гарани, Кичевско. Цената на новата спортска сала изнесува 400.000 евра, а градежните работи на истата ќе ги изведе ГП „Гранит“ Скопје.

Вработените на училиштето, пред сѐ директорот Кујтим Касами, се презадоволни што нивното училиште го добива објектот кој долги години го посакуваше.

– Нашата дамнешна желба и нашето училиште да добие спортска сала конечно ќе се реализира. Новата спортска сала ќе биде со површина од 1.000 метри квадратни, додека во внатрешноста ќе има површина од 650 метри квадратни и е дел од  145-те училишни спортски сали ширум земјава, кој започна да се реализира во 2008 година.

Изградбата на спортската сала ќе заврши за осум месеци, по што нашите 180 ученици, часовите по фискултура ќе може да ги одработуваат како што доликува во 21 век, во модерна спортска сала.

Во новиот објект покрај за часот по физичко, во истиот ќе може да се организираат културни, музички и секаков вид други настани. Салата ќе биде опремена и со разни спортски реквизити, неопходни за повеќе спортови – рече Кујтим Касами, директор на училиштето, под чија закрила се и основните училишта во селата Црвивци и Шутово.