БЕРОВО

Градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, неодамна потпиша договор со Дирекцијата за заштита и спасување, за давање на трајно користење опрема за противпожарна заштита.
– Врз основа на одлуката на Владата, извршени се примопредавање и давање на трајно користење опрема за противпожарна заштита. Со добивањето на оваа опрема, уште еднаш докажуваме дека се грижиме за унапредување на противпожарната заштита во Општина Берово и сме силно посветени за олеснување на пристапот за гаснење пожари – информираат во Општината.
Градоначалникот Звонко Пекевски упати благодарност за добиената опрема, потенцирајќи дека еден од главните приоритети на Општина Берово во областа на противпожарната заштита е институционално опремување и зајакнување на капацитетите на територијалната противпожарна единица и токму затоа во периодот што следува ќе биде набавено и повеќенаменско возило за справување со катастрофи, што ќе биде од големо значење за Берово, во ефикасноста со справување со кризи од природни катастрофи и елементарни непогоди.