БИТОЛА

Со два милиони и 100 илјади денари, префрлени од битолската општинска каса, во тек се изведби на неколку инфраструктурни зафати во средното општинско земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“. Се поплочува целото училиште, а на површина од 1.750 квадратни метри се изврши бојадисување, со што се обезбедуваат подобри услови за настава и за одржување на хигиената во училиштето. Паралелно, се врши заградување на тревниот стадион, за кој е обезбедена и опрема за наводнување со техничка вода од ЈП „Стрежево“. Градоначалничката Наташа Петровска и директорот на училиштето Благојче Кривевски, покрај тековните активности, разговараа и за можностите за натамошно осовременување на ова училиште.
Петровска го посети и основното училиште „Даме Груев“, каде што беше запознаена со извршените санации и процесот на настава. Директорката Роза Јовановска истакна дека со доделените средства од Општината, се набавени 21 персонален компјутер со дополнителна опрема и два лаптопа, а со обезбедениот висококвалитетен интернет, наставата се одвива непречено.
Реновирани ходници и училници, збогатени со дополнителна опрема, и обезбедени таблет-компјутери за учениците од ранливите категории се само дел од реализираните активности во основното училиште „Тодор Ангелевски“, за кои директорката Љубица Стерјева разговараше со градоначалничката Петровска. Посетата беше искористена за средба со дел од семејството на ученик, за кој Општината помогна материјално и обезбеди поквалитетно следење на наставата.