КИЧЕВО

Учениците од основното училиште „Ѓерѓ Кастриоти-Скендербег“ од селото Србица, второто полугодие ќе го започнат во училишна зграда каде што условите за настава ќе бидат значително подобрени, со потопли училници, ходници и тоалети. Ова е така поради тоа што на училишната зграда е поставена нова енергетска фасада и променети се дел од прозорците и вратите, по што губењето на топлината ќе биде помало, а заштедата на енергентот со кој се затоплува училиштето ќе биде зголемена. Со тоа ќе се зголеми ефикасноста во работењето на ова училиште, каде што настава од прво до деветто одделение ја следат 85 ученици.
– Со средства обезбедени од Министерството за образование и наука, училиштето доби нова енергетска фасада, што ќе овозможи учениците да го почнат второто полугодие, кое започнува на 21 јануари, во подобрени услови за настава со потопли училници, ходници и тоалети. Оваа фасада ќе придонесе да имаме и заштеда на нафта, која ја користиме како енергент за затоплување на училиштето, каде што наставата се одвива во две училишни згради од прво до деветто одделение и каде што во сите одделенија наставата се одвива со физичко присуство на учениците во две смени, со целосно почитување на протоколите на учениците и наставниците.

Покрај енергетска фасада, беа поставени и нови ПВЦ-прозорци на дел од училниците каде што претходно не беа сменети, а за да нема губење на топлината, поставена е изолација во поткровјето – истакна директорот на ова училиште Џелил Џелили.
Тој потсети дека со исклучок на четворица наставници, кои на почетокот од учебната година биле инфицирани со ковид-19, во преостанатиот дел од првото полугодие немало новозаболени ученици и наставници. Очекува и во второто полугодие, со целосно почитување на протоколите, да нема нови инфицирани со коронавирусот.
Со обновата, во двете училишни згради се создадени нормални услови за следење на наставата.