Објектот треба да биде готов за помалку од година и пол

Струмица

Општината Струмица ќе добие нова детска градинка, со капацитет за 300 деца. Веќе се почнати подготвителните активности за изградба на новиот објект во населбата Касарна, во Струмица. Објектот ќе се гради на површина од 1.443 квадратни метри, со приземје и кат, а треба да биде готов за помалку од година и пол.

– Проектот е финансиран од Министерството за труд и социјална политика, а предвидениот рок за изградба е 16 месеци. Новата градинка ќе биде изградена по најсовремени стандарди за згрижување деца од предучилишна возраст и со неа ќе се реши проблемот со недостиг од капацитети во клоновите на градинката „Детска радост“ – велат од општината Струмица.

Надлежните објаснуваат дека со ова, но и претходно преземените активности за реконструкција и проширување на постојните капацитети, ја потврдуваат грижата за децата од предучилишна возраст и за нивниот правилен раст и развој.