Новата пречистителна станица за фекални отпадни води во Кичево, од една страна ги израдува екологистите и спортските риболовци, но од друга страна ќе ги разочара граѓаните на Кичево, бидејќи поради трошоците што се создаваат од нејзиното работење, ќе биде неопходно новите сметки за вода да бидат повисоки. Во спротивно, овие трошоци негативно ќе се инпутираат врз севкупното работење на комуналното претпријатие.

– Бидејќи во нашиот град пуштена е во употреба новата пречистителна станица за фекални отпадни води, прва од ваков вид во земјава, за да не се создаваат дополнителни проблемио во нашето работење, побаравме од регулаторната комисија за енергетика, да ни овозможи зголемување на сметките за вода, бидејќи новата пречисистителна станица во старт ќе ни ги зголеми трошоците. Од нивна страна ни беше дозволено сметките да ги зголемиме за 14 денари, но ние, имајќи го во предвид стандардот на населението, одлучивме цената да се зголеми само за 10 денари, поточно на долната граница до каде можеме да прифатиме зголемување на сметките, а тоа е ставка за прочистување на отпадните фекални води, а не поскапување на водата – истакна Рајна Алексоска од ЈКП „Комуналец“.

Од компанијата додаваат дека основниот трошок на новата пречистителна станица за отпадни фекални води е електричната струја, неопходна за нејзиното функционирање. 

– Бидејќи се работи за објект за чие функционирање е неопходна електрична енергија, тоа претставува дополнителен трошок за нашата компанија, која и без тоа работи на границата на рентабилитетот, и затоа новосоздадените трошоци ќе бидат вградени во сметките за вода за идниот месец. Проблемот со персонално покривање на работните места во пречистителната станица, ќе го решиме со префрлање на дел од веќе вработените во компанијата, единствено ќе побараме вработување на профили кои моментно ги немаме во компанијата, како што е електроинженер-енергетичар и градежен инженер. Вкупниот број на вработени во новата пречистителната станица нема да биде поголем од 15 – посочуваат од компанијата.

Инаку, стручни лица добро упатени во оваа проблематика, кои се надвор од компанијата, предлагаат изградба на фотоволтаична централа на самата пречистителна станица, од која во поголемиот дел од годината од произведената струја објектот ќе може да ги покрива трошоците на сопственото работење.

– Јасно е дека пуштањето на новата пречистителна станица за отпадни фекални води, ќе го обремени работењето на комуналното претпријатите со нови трошоци, кои ќе мора да ги платат граѓаните со нови зголемени сметки. За да не дојде до драстично зголемување на овие сметки, би било идеално на самата пречистителна станица да се изгради фотоволтаична централа, од каде електричната струја во поголем дел од годината ќе ги компензира потребите од струја на самата пречистителна станица, а граѓаните ќе бидат поштедени од нови дополнителни трошоци – посочи Шасим Османи архитект од Кичево. З.А.