Фото: Зоран Антоски

Студеното време и екстремно ниските температури кои деновиве се присутни во Кичево и регионот, предизвикаа зголемена потрошувачка на вода од градскиот водовод и овој интензитет на зголемена потрошувачка на вода ќе потрае се дотогаш, додека температурите се дебело под нулата и стравот на граѓаните од прскање на цевки и поголеми материјални штети наполно е оправдан. Зголемувањето на потрошувачката на вода е околу дваесетина проценти над вообичаената потрошувачка за овој период од годината.

-Со опаѓањето на температурите, поготово во ноќните часови, беше очекувано да се зголеми потрошувачката на вода. Овој пат зголемената потрошувачка ја предизвика стравот и претпазливоста на граѓаните од измрзнување на водоводните цевки и чешми во нивните станови и куќи. Токму затоа ги пуштаат чешмите да течат со послаб млаз и во текот на ноќта, кога температурите во нашиот град и околните села паѓаат и до минус 18 целзиусови степени. Ако се зголеми потрошувачката на вода, сепак дефектите во градската мрежа покажуваат стагнација, а тоа е резултат на реконструираната градска мрежа во поголемиот дел, кога старите метални и бетонски цевки се заменети со нови ПВЦ цевки, кои се далеку поиздржливи на температурните промени кои се присутни деновиве во градот и селата – истакна Лазам Селими од ЈКП „Комуналец“ Кичево.

З.А.