Сушата која во последните три месеци е присутна во земјава, придонесе штедроста на изворите на реките забрзано да опаѓа. Во тој поглед не е исклучок ни најголемата река во кичевско Треска, чиј водотек е на најниско ниво во последните неколку децении. Токму малата штедрост на изворот на Треска, претставува најголема закана за најголемиот рибник во земјава во кичевското село Извор, како и за сите рибници што се наоѓаат низводно во оваа река.

– Втора година по ред во овој период од годината се бележи најмалата штедрост на изворите на Треска, што претставува реална опасност за преживување на рибниот фонд во нашиот рибник, кој според својот капацитет од 300 тони риба годишно е најголем во земјава. Според процениките на ихтиолозите, за нормално функционирање на рибникот потребни се 1.000 литри вода во секунда, за што ние имаме и посебна дозвола, а во моментов од изворот на Треска добиваме само 200 до 250 литри, што е помалку од една четвртина од неопходниот минимум. Недоволната штедрост на изворот е причина која не присилува да вршиме аерација на водата, бидејќи риба има повеќе (80 -90 тони) отколку што е дотокот на вода, а ние сме приморани и покрај аерацијата и така осиромашената вода да ја враќаме во базените за рибите да не останат на суво- вели Душко Радески, менаџер на рибникот во село Извор.

Бидејќи условите се исклучително неповолни за самиот рибник, вработените се приморани за аерација на водата и враќање на истата во рибникот да потрошат дополнителни парични средства што го обременува нивното работење.

– Бидејќи водата што дотекува во рибникот ни оддалеку не е доволна, да ги задоволи потребите на рибниот фонд со кој моментално располагаме од 80 до 90 тони, ние бевме приморани да набавиме италијанска опрема за аерација на водата (збогатување со кислород). На тој начин во овие се помали количества на вода со помош на современата технологија да и овозможиме на рибата да преживее бидејќи нема доволно кислород. Деновиве и рибите не ги прихрануваме бидејќи кислородот во базените е под неопходното ниво и ако редовно ги храниме, присуството на кислородот во водата ќе биде уште помал и може да се случи голем помор. За да го спасиме рибниот фонд и за користење на оваа апаратура, ние издвојуваме дополни 4.500 евра и за електрична струја и 3.500 евра за кислород или секој месец имаме 8000 евра дополнителни трошоци- посочува Радески.

А како проблем за рибникот создаден од човечка рака е и загадувањето на водата предизвикано од кинеската населба, што се наоѓа во непосредна близина на изворот на река Треска, од каде фекалиите се насочуваат директно во речното корито.

– Покрај проблемот што ни го создава природата со малата штедрост на изворот, дополнителен проблем ни создава загадувањето на водата предизвикано од кинеската населба, што се наоѓа во непосредна близина на рибникот. Анализите кои се вршени од Хидробиолошкиот завод од Охрид потврдуваат дека се присутни зголемени вредности на амонијак и азот и истата е загадена со ешерихија коли. Овие зголемени вредности се предизвикани од фекалиите кои се испуштаат од оваа населба што ни причинува дополнителна штета – вели Радески.

Најнов проблем кој може да предизвика трајно намалување на штедроста на изворот на реката Треска, се минирањата кои се изведуваат на само 15 метри над изворите на реката.

– Нови грижи и трајна штета може да ни создаде како на самиот рибник така и на целиот биверзитет во реката, минирањето што се врши непосредно над изворот од страна на градежниците кои го градат новиот автопат Кичево-Охрид. Силните детонации и вибрации на подлогата, може да ги поместат или да ги намалат водите на извориштето на Треска. За овој проблем сите треба да се подзамислиме бидејќи некогаш бистроводната Треска може за час да ја снема од географската карта. За овие проблеми имаме испратено дописи до сите институции во земјава, но засега никој ни се интересира, трајно да се реши овој проблем – заврши Радески.

Вториот рибник во река Треска кај село Подвис, престана со работа токму од истите причини, малиот водостој на реката и загадувањето на водата. Инаку Македонија ни оддалеку не ги задоволува потребите од конзумна риба, а со овие проблеми произведените количини ќе бидат уште помали. Дали со последните врнежи од дожд и снег состојбата ќе се подобри останува да видиме.

З.А.