ОХРИД

Екипите на јавното претпријатие „Охридски комуналец“ рано утринава извршија вонредно чистење и подигнување кабаст отпад, кој несовесни граѓани го исфрлиле на несоодветни локации во селото Пештани.
– Беа подигнати големи количества кабаст отпад, делови од мебел и покуќнина, килими, пластични и картонски амбалажи и други видови отпадни материјали. Ова не е прв случај на несоодветно депонирање отпад од страна на граѓаните. Екипите на ова јавно претпријатие секојдневно подигнуваат кабаст отпад од други јавни локации во градот и приградските населби – велат во Општината.
Оттаму ги информираат граѓаните дека доколку имаат кабаст отпад што треба да го депонираат, истиот тој треба да го пријават, за комуналните екипи да можат навремено и соодветно да го подигнат.
Општина Охрид упатува јавна осуда до сторителите на вакви еколошки престапи и најавува засилени инспекциските контроли на терен, со цел да се спречат и санкционираат сторителите. Се упатува апел до граѓаните да покажат повисоко ниво на еколошка свест и да не го исфрлаат отпадот на несоодветни локации.