Вчера во приквечерието, околу 19 и 30 часот, подметнат е пожар на депонијата Алинци од западната страна, во делот на ламела каде се одлага текстилен отпад. Огнот, информираат од ЈКП „Комуналец“ е ставен под контрола и целосно изгаснат, но се уште повремено се јавуваат помали огнени јазици. Заради можноста и ветровите кои постојано дуваат околу депонијата, дежурна екипа од Комуналец, со две цистерни и градежни машини постојано се на терен, и ги санираат и оштетувањата на депонијата.

Како што информираат од комуналното претпријатие, очевидец од селото Алинци, кој утрово се јавил кај нив, потенцирал дека пожарот го подметнале лица кои со два автомобили биле во близина на депонијата. Истите, кога веќе очевидецот забележал дека е зафатен да гори текстилниот отпад, се одалечувале од местото со бела Застава 101, а за второто возило, очевидецот, вели дека незнае да ги распознава останатите марки автомобили. И двете возила биле без регистарски табли.

Во гаснењето на пожарот учествуваа вработени од Комуналец, со сета своја расположлива механизација, Територијалната противпожарна служба, а на лице место била присутна и полицијата.

Со крајна пожртвуваност на вработените и пожарникарите е спречена катастрофа од поголеми размери.

Против непознат сторител од страна на Комуналец, е поднесена пријава за подметнување на пожар до СВР Битола, ПС Прилеп.

Инаку, на депонијата Алинци годишно се одлагаат 32 илјади тони отпад , од кои 690 тони е исклучиво текстилен отпад. Ка.М.