БИТОЛА

Во согласност со новиот режим на сообраќај, битолчани нема во иднина да можат да доаѓаат на кафе на Широк сокак со своите автомобили. Ова е предвидено со новата сообраќајна студија и со идејниот сообраќаен проект со динамичка микроскопска симулација и организирање режим на сообракај, во централното градско подрачје на Битола. Студијата беше усвоена на последната онлајн седница на Советот на Општината. Предвидено е зголемување на површините за пешаци и велосипедисти, што ќе се реализира со изработување проектна документација, во согласност со законската регулатива, како и регулирање на јавниот превоз.
Со новата сообраќајна студија во централното градско подрачје од потегот кај Градскиот часовник, па до Камен мост ќе стане пешачка зона, во која ќе можат слободно и безбедно да се движат пешаците. За реализацијата на овој проект ќе треба да биде дислоциран сегашниот паркинг-простор во централното градско подрачје, пред Центарот за култура, каде што моментално се паркираат стотина возила.
– Во центарот ќе има повеќе пешачки зони, повеќе зелени површини, помалку возила и првпат, велосипедски патеки. Со новата студија се нудат решенија што ќе го намалат сообраќајниот метеж во центарот на градот. Предвидено е голем број од улиците да бидат еднонасочни со што ќе се создаде можност за изградба на тротоари и велосипедски патеки. Со проширувањето, пак, на пешачките зони ќе се врати плоштадот „Гоце Делчев“, а битолчани ќе можат слободно да се движат од Саат-кулата до Камен мост.

Со студијата се предвидени минимални градежни зафати што ќе ги направат сообраќајот и движењето на пешаците полесни и побезбедни, а ќе го намалат и загадувањето на воздухот во центарот на градот. Наедно ќе се промовира велосипедскиот сообраќај како најдобра алтернатива за ефикасно движење – велат предлагачите на новата сообраќајна студија од Општината.
Како основа за изработка на новиот план се земени претходни плански документации: сообраќајната студија од 2011, ГУП, деталните урбанистички планови и законските прописи. Студијата е конципирана врз основа на извршена споредба на предвидените плански решенија и моменталната состојба на сообраќајот и содржи мерливи податоци за одвивањето на сообраќајот во градот, сега и во иднина. Податоците треба континуирано да се ажурираат и да се постапува со конкретни мерки. Во процесот на изработка на студијата е извршена виртуелна симулација со софтверот ВИССИМ, при што идејните решенија се проверени во виртуелниот модел.