Фото: Игор Бансколиев

Во Гостивар моментално не постои ниту едно згрижувачко семејство каде би се нашло дете без родители. Поради тоа социјалните работници се обидуваат во рамки на кампањата „На секое дете му треба семејство“ во градот да ја променат таа состојба.

На 13-ти јули предвиден е посебен настан преку кој ќе се испрати порака дека секое дете без родителска грижа треба да расте во безбедна и топла семејна средина.

-Сакаме да се мобилизира и сензибилизира општеството и да се јават семејства кои како во кампањата ќе покажат дека имаат љубов за давање. Правилниот раст и развој за децата е возможен во вистински семејна атмосфера која во институциите не може да се достигне- вели Иконија Николоска, социјален работник и обучувач во гостиварскиот центар за социјални работи.

Од таму апелираат гостиварци да ја поддржат Кампањата, да се информираат и да се вклучат во згрижување на деца без родителска грижа. Оние семејства кои ќе се одлучат на таков чекор ќе поминат низ посебна обука и ќе имаат постојана поддршка и помош од надлежните институции.

Кампањата „На секое дете му треба семејство“ во земјава започна на први јуни, а ја спроведуваат Министерството за труд и социјалната политика и Уницеф.

А.С.