Патниот правец Плетвар кај Прилеп е прооден и сообраќајот се одвива непречено за сите видови возила, информираат од прилепската подружница на „Македонија пат“.

Според Сашо Цветкоски, раководител на подружницата, нема проблеми ниту на другите регионални патни правци, а веќе се расчистува и патот до Мариово.

– На Плетвар сообраќајот се одвива без проблеми за сите видови возила, со препораката за внимателно возење. Имаме доволно песок и сол за посипување. Проодно е и на сите регионални патни правци во прилепско. Веќе е испратено возило и го расчистува патот до Мариово. Расчистено е до Расим бегов мост на Црна Река, а сега расчистувањето продолжува до селото Витолиште. Нашата препорака останува за внимателно возење на патните правци, изјави Цветкоски.