Поради немање на анестезиолог кој би асистирал во првото годинешно породување во кичевската болница, среќната мајка мораше да отпатува за Охрид, каде е извршено породувањето.

Инаку, ова не е прв случај родилки во поодмината бременост да се препраќаат во други градови, поради дефицит од анестезиолози во кичевската болница, проблем кој со години се провлекува во оваа здравствена установа.

-Денес ќе беше извршено првото породување во нашата болница во оваа календарска година, но немањето анестезиолог нè принуди на идната мајка да и дадеме упат и таа породувањето да го изврши во Охридската болница. Поради дефицит од анестезиолози во нашата болница, најмалку педесетина породувања во текот на годината се помалку во нашиот оддел, и овој проблем ќе нè следи сè дотогаш додека целосно не се екипира оваа здравствена установа – вели Д-р.Ѓоко Дичоски, гинеколог-акушер во кичевската општа болница.

Според него, од година во година бројот на новороденчиња во кичевската болница е во опаѓање, така во 2010 година имало 420 породувања, додека во изминатава година тој број е речиси преполовен и изнесува 230.

– Причините за ова намалување на бројот на новороденчиња се должи на иселувањето на младите во фертилниот период, како и горенаведениот проблем, односно немањето на доволно анестезиолози во нашата болница – нагласи Дичоски.

Инаку, кичевската болница располага со еден анестезиолог, кој треба да опслужува население од околу 70.000 жители од три општини и тоа Кичево, Пласница и Брод.