Водата од дваесетина селски водоводи во општина Кичево е бактериолошки неисправна и истата не може да се користи за пиење ниту за подготовка на храна, се до добивање на нови мостри кои ќе ја потврдат нејзината исправност. Се упатува апел до жителите од овие села, ако сакаат водата да ја користат за пиење или подготовка на храна, мора задолжително да ја превриваат.

-Отсекот по хигиена и здравствена екологија од Кичево не извести, дека поради бактериолошко загадување водата од повеќе селски водоводи во нашата општина не може да се користи за пиење ниту за подготовка на храна. На таа листа селски водоводи влегуваат водоводите во селата: Миокази, Челопеци, Орланци, Светорача, Дупјани, Речани-Челопечко, Крушица, Бигор Доленци и крај патната чешма во ова село, потоа селските чешми во Видрани и Патеец. Исто така поради бактериолошка неисправност и недоволно резудуален хлор, не смее да се користи како вода за пиење и водата од централниот водовод во село Зајас и во ОУ Р.Р.Зајази од истото село. Забраната важи дотогаш се додека не се добијат исправни мостри, а до тоа известие водата од овие водоводи и селски чешми задолжително мора да се преврива, ако сакаме да се користи за пиење или подготовка на храна – информира Сузана Тасеска од Центарот за управување со кризи.

Неисправна вода за пиње имаат селските водоводи во Рабетинска Река и Зајашкиот регион, што се должи на се помалиот доток на води во каптажите, гнилежот на лисја во близина на резервоарите и поројните дождови кои во повеќе наврати ги имаше во Кичевскиот регион.

З.А.