Тетово е една од општините каде се прават проекти со пари од Инструментот за претпристапна помош (ИПА фонд) на Европската унија, но истражувањата на невладините организации покажуваат потреба локалните самоуправи да ги зголемат капацитетите во насока на привлекување на уште повеќе од овие средства. Степенот на искористеност е ниска, а за да биде повисока треба повеќе да се учи како да се пишуваат проектите и да се добиваат средства, посочуваат од невладиниот сектор.

-Недоволна соработка со институциите на централно ниво, со граѓанските организации, со бизнис секторот се причините за недоволната искористеност. Општините треба да ги зајакнат своите капацитети, хоризонтално и вертикално- рече Билјана Бејкова од Инфоцентар.

Студиите на случаи за тоа колку се искористуваат ИПА фондовите се изработени за општините Тетово, Битола, Струмица и град Скопје.

– Ние имаме десетина проекти за кои се користат средства од ИПА фондовите. Најголемиот проект е со вредност од над 30 милиони евра за пречистителна станица за третман на отпадни води- рече градоначалничката Теута Арифи.

Во студиите за четирите локални самоуправи се анализира соработката на општините со граѓанските организации, а воедно се нудат препораки за зголемена апсорпција на европските фондови и подобра соработка со граѓанскиот сектор на локално ниво.