Активистите од неколку невладини организации од Тетово со симболичен пикник на градскиот плоштад од локалната самоуправа побараа да го зголеми зеленилото во градот. Тие на бетонската подлога илустративно поставија зелен теписон да асоцира на трева, а направија дрвја и палма од отпадоци најдени на тетовските улици.
– Нашата акција е да се покрие сивото со зелено, зашто малку имаме зеленило. Со овој наш перформанс праќаме порака до надлежните дека треба да има повеќе зеленило – рече Гуѕим Нухиу.

Тој посочи дека кога побарале дозвола од градските власти за организација на настанот ги повикале и претставниците на општината да дојдат, но не добиле потврден одговор.
Лус Отон, 25-годишна девојка од Франција, која во Тетово е на студиски престој, вели дека за неа е невообичаено што гледа град со толку малку зелени места.
– Мило ми е што можам да дадам придонес во вакви настани во кои младите посочуваат проблем како што е недостиг од зеленило. Нема места каде што луѓето може да поминат квалитетно време. Во градот каде што живеам во Франција имаме повеќе поголеми паркови и се отворени за сите, а за нив се грижи општината – рече Лус.

Младите активисти во петокот со перформанси и со протестен марш го изразија незадоволството од тоа што во градот не функционира јавниот превоз. Слични активности за другите градски недостатоци најавуваат и за во иднина. Според најновиот Закон за урбано зеленило, донесен во јануари годинава, како стандард е поставено да постои 25 квадратни метри зелена површина по жител во сите идни генерални урбанистички планови, како и најмалку 20 проценти зелена површина на секоја градежна парцела, зависно од намената и од локацијата.