Под изговор дека ја разретчуваат шумата, дрвјата ги сечат по ред, без разлика дали се маркирани или не и откога минатата година ја опустошија шумата на дел покрај
патот за „Св. Петка“, годинава сечата е распространета на многу поширок фронт

„Кажете стоп за секое исечено дрво во Галичник, кое дава живот за сите нас“ е паролата што месната заедница Галичник ја испрати на адресата на националниот парк „Маврово“, кое, меѓу другото, стопанисува и се грижи и за природното богатство на овој микрорегион, како дел од Националниот парк. Целта на апелот е јасна, да се спречи уништувањето на шумата на две локации: на шумата спроти селото, на потегот на двете страни на патот во правец кон црквата „Св. Петка“, оддалечена на 5-6 километри и на шумата на двете страни на регионалниот пат Маврово – Галичник, низ планината Бистра. Месната заедница Галичник укажува дека шумата се сече неплански, неодговорно, се прави пустош, на местата се оставаат отпадоци…
– Под параванот на разретчување на шумата, дрвата се сечат по ред, без разлика дали се маркирани или не – ни вели Александар Костиќ, претседател на Советот на МЗ Галичник.

Така, како што додава, минатата година била опустошена шумата на дел покрај патот за „Св. Петка“.
– Годинава сечата е распространета на многу поширок фронт. За да ја заштитиме шумата, официјално побаравме националниот парк „Маврово“ максимално да се ангажира во заштитата на шумата, да врши постојана контрола врз лицата што вршат сеча, како и врз нивните работници бидејќи има сознанија дека организирано ја уништуваат шумата – објаснува Костиќ. Галичани се загрижени од тоа што се случува со шумското богатство, што му даваше посебна убавина на Галичник, особено шумската патека што води до црквата „Света Петка“, која е стара неколку века. Таа беше шумски тунел и посебно атрактивна за пешачење и за уживање во недопрената природа.

Тодор Черепналковски, роден во Галичник, неколку месеци во годината ги минува во родното место. Така ја преполовил осмата деценија од животот и сега многу е револтиран од она што случува со сечата на шумата на планината Бистра.
– Невидено сурово злосторство се врши со сечата на дрвјата во ридот спроти Галичник. Злосторство врз природата, злосторство врз луѓето, големо злосторство за генерациите што доаѓаат, а злосторство и кон генерациите што не се со нас. Токму тие со векови ја негувале шумата – вели тој.
Потсетувајќи се на времињата од неговата младост, со восхитување ни говореше Черепналковски за односот на галичаните и на државните институции кон природата, кон шумата.

– Кога бев млад (пред шеесетина години) тогаш старите галичани ми расправаа дека шумата била посебно заштитена. Никој, ама никој, не можел ни да помисли да сече буки во таа шума, биле ангажирани и чувари. За секојдневната потреба преку целата година, посебно за долгите снежни и студени зими, со дрва се снабдуваа во шума оддалечена 4-5 часа од Галичник, на дрва стари и паднати од невреме, а не млади фиданки, како што е случај денес. Но, никој, никогаш не сечел дрвја во шумата на спротивната страна на Галичник. Што се случува денес? Имаат ли малку чувство тие што дале согласност за сечење на прекрасната галичка шума, која е дел од националниот парк „Маврово“. Сведок сум на настан што се случи пред околу 45 години. Се чу моторна пила во таа шума. Галичани се организираа, формираа тричлена комисија и од тогашниот извршен совет побара веднаш да престане сечењето на шумата. Групата беше настојчива и покрај презафатеноста на претседателот на ИС успеа да биде примена на разговор, со аргументите што ги изнесе го убеди претседателот и тој веднаш донел одлука сечата да престане – раскажува Черепналковски.

Тој нѐ запозна и со реализираната иницијатива за пошумување на голината над хотелот „Неда“. Сопственикот на хотелот, комбинатот „Југохром“ од тетовското село Јегуновце, и директорот Велимир Ѓиноски, галичанец, организирале активност за пошумување на голината и со помош на галичани просторот бил пошумен.
Викторија Жикоска е една од неколкуте стотината млади приврзаници на Галичник, вклучена е во многу активности за афирмација на Галичник, а преку социјалните мрежи мошне е активна во акцијата да се спречи понатамошното уништување на галичката шума.

– Уништувањето на галичката шума, пред сѐ, е етички проблем. Дури и сѐ да е според закон, сметам дека законот треба да се смени и да подлежи на корекции и измени, бидејќи ваков каков што е штетен и се злоупотребува во целост. Сите наводни инженери што досега давале дозвола за експлоатација на шума, не извршиле контрола на терен за да ја увидат фактичката состојба. Ако направеле објективна контрола на теренот ќе увиделе дека направената штета, немало да се случи. Особено на места каде што е ризично, како што е местото каде што на крајот на мината година се сруши патот во близината на местото Царева Чешма. Или наспроти Галичник, каде што беа уништени велосипедските и планинарските патеки, за кои галичани се потрудиле да ги одржат во автентична состојба. Исто така, проблем е и ѓубрето што го оставаат работниците што ја сечат шумата и ја загадуваат недопрената природа – објаснува Жикоска. Самир Ајдини, директор на националниот парк „Маврово“ од Маврови Анови, вели дека „сѐ е во рамките на десет-годишниот план (2012-2019 година) за стопанска основа на шумски стопански единици, без отстапувања“.

– До крајот на октомври годинава ќе се врши експлоатација на двете локации, со тоа завршува експлоатацијата – најави Ајдини.
Тој објаснувајќи дека на функцијата директор во националниот парк „Маврово“ се наоѓа 6-7 месеци, кажа дека ќе настојува во рамките на позитивните закони, овој проблем да биде решен.
– Барањата се реални бидејќи месната заедница вложува доста средства во одржување на инфраструктурата и на хигиената – додаде тој.
Митскиот Галичник треба да биде грижа на целото македонско општество, а не само на галичани и на оние што потеклото им е од Галичник, и на љубителите и на пријателите на Галичник.

Причина повеќе за тоа е што магазинот со светско реноме, „Њујорк тајмс“, „Галичката свадба“ ја посочи како еден од деветте фестивали што треба да ги посети секој туристи. Подобра реклама здравје. Токму оваа манифестација во 55-годишно опстојување го афирмира Галичник на сите светски меридијани. Но Галичник не е само „Галичката свадба“. Тој е и галичката архитектура, галичките преродбеници од 19 век – првиот владика на Балканот Партениј Зографски, учебникарот, војводата, писателот Ѓорѓија Пулевски, П. Гиновски, собирач на народни умотворби, копаничарот Макарие Фрчкоски и многу други врвни уметници, зографи, сликари… Тука се и природните убавини, пасиштата, изворите, водотеците… Во името на сите овие вредности создавани со векови, треба да се престане со немилосрдното уништување на природата и на сѐ што е создадено и се создава. Колку Галичник бил значаен во светот нека послужи и оваа поговорка: „Галичник село големо и в Станбол на чутук пишано!“.