Фото: Зоран Антоски

По шести пат, самостојна кичевска коњаница ќе учествува на Илинден во Крушево и со останатите коњаници ќе биде дел од дефилето за големиот празник.

Кичевската коњаница со свето име „Манастир Пресвета Богородица Пречиста“, годинава ќе помине по нешто пократка рута и со три попатни ноќевања во селата Козица, Сопотница и Журче.

Утринава 12 коњаници тргнаа на својот пат од манастирот, откако примија благослов, положија заклетва и го избраа војводата, а тоа е најмладиот коњаник Трајче Андрески, на кого со 14 години му припадна честа да ја предводи Кичевската коњаница до славното Крушево.

– Кичевската коњаница од манастирот чие име го носи „Пресвета Богородица Пречиста тргна на својот пат утринава во 10 часот, откако го примивме благословот од свештенството и сестринството на манастирот и го избравме војводата на коњаницата, а тој за годинава е најмладиот Трајче Андрески. Од манастирот преку селата Манастирско Доленци и Србјани ќе пристигнеме во Кичево, каде ќе се спои со Мавровско-горнореканската коњица и заедно ќе пристигнат во црковниот храм „Свети Петар и Павле“ во Кичево каде ќе се отслужи молитва за здравје и среќен пат, и потоа преку селата Другово, Пополжани и Видрани коњаницата патот ќе го заврши во село Козица. На 29 јули коњаницата преку селата Белица,Прострање и Брезово ќе се упати во село Сопотница, каде и ќе ноќева. Третиот ден коњаницата преку селото Прибилци, Демир Хисар и селата Граиште и Сладуево ќе пристигне во село Журче, на трето и последно ноќевање на пат за Крушево.Четвртиот и последен ден од Журче преку село Острилци, ќе се упати кон градот Крушево каде ќе престојува до Илинден и ќе биде дел од коњаниците кои ќе земат учество во дефилето посветено за овој голем празник – рече Станоја Станојоски, учесник на сите досегашни коњици и член на Здружението за развој на село Козица. З.А.