ШТИП

В.д. градоначалникот на Општина Штип, Јане Миланов, заедно со директорот на СОУ „Коле Нехтенин“, Дејан Павлов, изврши увид во работните активности за реконструкција на спортската сала во СОУ „Коле Нехтенин“.
По подолг период се започнати работни активности што опфаќаат замена на под, замена на прозорци и ново осветлување на спортската сала во средното училиште.
– Задоволен сум од динамиката на работните активности за целосна реконструкција на оваа спортска сала. Како градоначалник, но и како професор што потекнува од ова училиште ја знам потребата од овој зафат. Се работи за инвестиција од околу 7,5 милиони денари и површина од околу 1.100 квадратни метри – истакна Миланов.
Директорот Павлов истакна дека по подолг период средното училиште ќе добие нова сала, секако, во корист на сите спортисти.
За оваа година ова е трета ваква инвестиција од поголем обем, односно по реконструкцијата на котелот за греење, покривот на училиштето, во тек е и реконструкција на спортската сала.