Штип

Домаќинствата во населбата Балканска во Штип добија чиста и здрава вода за пиење од градскиот водовод. Локалната власт заедно со јавното претпријатие „Исар“ го комплетира најголемото барање на жителите од ова населено место. Јавното претпријатие „Исар“ во изминатите неколку месеци работеше на приклучување на градскиот водовод и на оваа населба.

– Ова е голем чекор за локалната самоуправа, бидејќи по многу години и по многу ветувања од страна на претходната власт, денес граѓаните се соочуваат со нова реалност – чиста и здрава вода за пиење. Во изминатите месеци работевме напорно за остварување на најголемото барање на жителите од оваа населба, направивме четири километри цевка, која е приклучена на градскиот водовод, и граѓаните конечно добија чиста и здрава вода за пиење. Оваа инвестиција чини 360.000 евра – истакнува градоначалникот Благој Бочварски.

Како што информираат од општината, јавното претпријатие „Исар“ работело напорно во овој дел од градот и продолжува со приклучоци во населбите Македонка и Чардаклија.

Од локалната самоуправа истакнуваат дека основните услови за живот и подобрената инфраструктура се нивен приоритет. Во соработка и заедништво со граѓаните велат дека се подобруваат условите и Штип доживува вистински развој.