Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни  коловози, наместа со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурни екипи на „Македонија пат“.

Снег со среден интензитет паѓа во Маврово, Дебар, Битола, Ресен, Крушево, Кочани, Делчево и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Плетвар.

На регионалниот пат Р-1203 од с.Рогачево до г.п.Јажинце поради силен ветер наместа има наноси од снег.

Забрани за сообраќај за тешки товарни возила има на патните правци крак Маврово – Дебар и Гостивар – Кичево преку планинскиот превој Стража. На планинскиот превој Ѓавато задолжително е употреба на зимска опрема (ланци). На одредени патни правци што поминуваат низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.

Екипи на „Македонија пат“ се на терен и ги одржуваат патните правци проодни. Се препорачува прилагодена брзина на движење кон условите на патот.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.