Општина Новаци во иднина со сопствени автобуси, минибуси и комбиња ќе ги превезува учениците. Општина Новаци во иднина и со своја, сопствена градежна механизација ќе ги извршува и услугите на граѓаните. Ова беше речено деновиве на промоцијата на постигнатите резултати од работата на Општината, на која присуствуваше и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, како и директорот на Пелагонискиот плански регион, Гого Видимче.
– Со финансиска поддршка од локалната самоуправа преку Бирото за рамномерен регионален развој и Пелагонискиот плански регион се обезбедени две нови возила за Општина Новаци. Тоа е минибус со 30 седишта и комбе со 9 седишта. Финансиската конструкција е 4.200.000 денари помош од Министерството за локалната самоуправа и 2.500.000 денари и сопствени средства од буџетот на Општина Новаци. Со овие возила ние ќе ги превезуваме учениците до централното основно училиште „Славко Лумбарсковски“ во Новаци, кои доаѓаат на настава од петто до деветто одделение и посетуваат настава во Новаци. Освен заштеда и поврат на инвестицијата, повеќе ќе немаме проблеми со превозот на учениците затоа што често се случуваше тие по неколку часа да чекаат превоз поради зафатеност на приватните превозници или дефект, но и од други причини.

Покрај овие две возила имаме уште други две комбиња, кои ќе ги вклучиме во превозот на учениците, и еден автомобил, така што се надевам дека оваа година, со почетокот на учебната година, на 5 октомври ќе немаме никаков проблем за превозот на учениците од основното образование – истакна градоначалникот на Новаци, Љубе Кузманоски.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, кажа дека за во Новаци набавиле еден мини-автобус и комбе за потребите на учениците. Кажа и дека Општината комплетно ќе го преземе превозот на учениците. Овој проект чинел 6.600.000 денари.
Директорот на Пелагонискиот плански регион, Гого Видимче, рече дека овие проекти се имплементираат од Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, со финансиска поддршка на Министерството за локална самоуправа преку Бирото за регионален развој.
Во рамките на програмата за регионален рамномерен развој за 2019 година, Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион аплицираше со седум проекти и еден резервен со одлука на Советот на градоначалниците од овој регион. Резервниот проект беше за Општина Могила. Паралелно со набавката на превозните средства, Кузманоски ја промовираше и набавената градежна механизација. Во периодот од неполни три години, општинарите инвестирале во современа сопствена механизација за да може успешно да се сервисираат услугите кон граѓаните.

Со пари од проектот „Одржливо менаџирање на агроотпадот за загревање на руралните средини“ од програмата за прекугранична соработка со Грција, се набавени трактор марка „ландини“ и тракторска приколка од пет тона за влечење и транспорт на биомаса од речните корита. Набавена е и хидраулична рака со корпа за косење и подигнување, предна косачка (мулцер) за сечкање на биомасата, корпа за товарење на биомасата и котел за парно греење за загревање на детската градинка.
Општина Новаци успешно го заврши вториот проект за подобрување на општинските услуги, финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка за набавка на градежна механизација, и тоа „скип“ (комбинирана машина ровокопач) и хидраулична надградба плуг за снег 2,5 м, камион кипер со дополнителна опрема, и тоа плуг за снег 3,2 м и ротациски распрскувач на сол и ризла, како и камион цистерна.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 17.870.670 денари. Во рамките на истиот проект, Општина Новаци доби право да користи грант-средства во износ од 4.612.362 денари, со што Општина Новаци веќе изработи апликација за набавка на ново возило за собирање смет (ѓубретарка со капацитет од 7 тона), контејнери и канти за смет и истата таа е одобрена од МСИП2 со што наскоро следува и тендерска постапка, така што комуналното претпријатие ЈКП „Комунална хигиена“ – Новаци ќе ја прошири својата услуга во уште три населени места – селата Брод, Бач и Живојно.