По интензивните врнежи од дожд претходните неколку дена, се подигна нивото на сите реки и суводолици во земјава. Една од тие реки каде нивото на водата драстично порасна е Треска, која до врв го наполни своето корито, а дел од водата на оваа река завршија во крајречните ниви, ливади и овоштарници.

Покрај во кичевскиот регион, Треска се излеа и во Бродско. Бидејќи нејзиниот водостој споро се намалува и натаму постои опасност од нови поплави.

– Во нашата општина реката Треска се излеа на повеќе места , почнувајќи од село Пласница, каде се излеа во месноста Питран и Ижишки мост, потоа кај селата Девич, Модришта, Локвица и Манастирец. Од надојдените води на Треска беа поплавени повеќе ливади, овоштарници и помал дел ораници засеани со есенски посеви. Најависоко ниво на Треска беше достигнато вчера, кога стигна до котата од 165 сантиметри, за денес на истото мерно место водостојот да се спушти на 147 сантиметри, со тенденција на понатамошно опаѓање, но опасност од излевање постои се додека нивото на водата е над 120 сантиметри – рече Миле Стојкоски, советник во ЦУК Македонски Брод.

Покрај нивите и ливадите надојдената Трека го поплави и рибниот ресторан во село Манастирец. З.А.