Додека порано граѓаните на секој начин брзаа да си ги земат решенијата за легализација на нивните диво изградени објекти и доста нервозно реагираа на (не)ажурноста на општинската админситрација, сега состојбата е сосема поинаква.

Деновиве општина Битола преку соопштение упати апел до битолчани да си ги подигнат решенијата за легализација на нивните легализарани објекти.

– Општина Битола континуирано работи на решавање на предметите за легализација, при што секој изработен предмет е потврден со донесување на решение од градоначалничката м-р Наташа Петровска. Сепак, дел од изработените предмети чекаат завршница на постапката од страна на граѓаните, односно подигнување на соодветните решенија од нивна страна. Во моментот за 352 предмети изготвени се пресметки по
готови урбанистички согласности, по кои барателите се уште не постапиле и не ги подигнале решенијата од општината. Исто така, изготвени од стручните служби и потпишани од страна на градоначалничката Петровска се решенија за 107 предмети, кои се уште не се подигнати од страна на барателите. Согласно ваквите податоци, Општина Битола апелира до граѓаните, подносители на овие 459 барања, кои се известени дека им е изготвена пресметка со заклучок за надомест, или имаат потпишано решение за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект, истите да ги подигнат од општината за да можат да ја комплетираат и завршат започнатата постапка за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект – се вели во
соопштението на Општина Битола.

Сега останува на граѓаните да одлучат кога ќе си ги подигнат решенијата за легализација на нивните објекти. М.М.