На традиционалната Петровденска мото-парада што попладнево се возеше низ улиците во Кичево, учествуваа над 200 мотоциклисти од сите возрасти, од двата пола и на повеќе различни марки мотоцикли.

Како што налага традицијата, стартот беше од пред железничката станица, од каде големата колона мотоцикли продефилира низ градските улици и своето патешествие го заврши пред храмот „Свети Петар и Павле“ кој денеска го прослави својот патрон Петровден, заштитникот на градот, а по тој повод се одржува оваа мото-парада.

– Секоја година не има се повеќе и повеќе, а годинава бевме над 200 учесници и во наредните години очекуваме и оваа бројка да се надмине. Петровденската мото-парада веќе стана традиција, која се етаблира во културното, спортското и верско живеење на Кичево – истакнаа Драган, Виктор и Владо, традиционални учесници на овие паради.

Овој настан беше проследен од голем број граѓани, кои беа одушевени од големата бројка учесници на денешната мото-парада и со громогласни аплаули ги поздравија учесниците. З.А.