ПРОБИШТИП

Општина Пробиштип потпиша меморандум за соработка со институтот „Конфуциј“ – Скопје, кој работи при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а се однесува на изучување кинески јазик во Општина Пробиштип.
Двете договорни страни преку овој меморандум ја изразуваат својата подготвеност да соработуваат и заемно да дадат поддршка за изучување на кинескиот јазик (почетно, средно и напредно ниво, за постигнатото ниво учесниците ќе добијат и соодветна диплома), литература и култура, користејќи ги кадровските, стручните и просторните можности на двете страни.

– Преку овој меморандум им се овозможува на сите заинтересирани ученици, наставници и преостанати граѓани од нашата општина да ги изучуваат кинескиот јазик и култура. Ова подразбира бесплатни курсеви по кинески јазик, кои ќе бидат организирани надвор од редовната настава, за почеток преку настава од далечина, а за понатаму, во согласност со условите што ги налага пандемијата на ковид-19, наставата би се одвивала и со физичко присуство во училиштата во попладневните часови – информираат во Општината.
Курсевите ќе опфаќаат изучување на кинескиот јазик, но ќе има и организација на културни настани, семинари и работилници за реализација на заеднички проекти. Овде се вклучени и активности насочени кон одбележување разни прослави, годишнини, јубилеи, културни активности и други настани.

– Сите заинтересирани лица можат да се пријават на електронска адреса [email protected] и на телефонот 072 303 469, по што ќе бидат формирани групите, ќе се направи распоред на часовите и во најбрз можен рок ќе започнат со работа. Дополнителни информации учениците ќе добиваат од професорката Даниела Ефтимова и институтот „Конфуциј“. При пријавувањето Ве замолуваме да напишете име и презиме, телефонски број и е-адреса за контакт. Учениците при пријавувањето да напишат и кое одделение се, заради организирање на групите по возраст. Доколку се пријавуваат ученици од основно, да се остави и број од родител за контакт“ – додаваат оттаму.