Врнежите што ќе ја зафатат земјава од денеска попладне и во текот на ноќта, ќе се интензивираат во среда и можно е да предизвикаат не само зголемување на водостоите, туку и излевања.

УХМР предупредува дека најкритично ќе биде во источниот дел на Македонија поради што апелира на внимателно движење покрај реките и суводолоците.

Водостојот на реките се уште е под прагот на нивно излевање, но позначајно зголемување се очекува во сливот на реките Пчиња, Крива, Брегалница, Струмица и Анска, како и на сите помали реки и суводолици во источниот дел на земјата.

-Од попладневните часови и претстојната ноќ, земјата ќе биде под влијание на влажни воздушни маси кои ќе условат врнежи од дожд на пониските места, додека на повисоките места и планините врнежите ќе бидат во вид на снег. Снежната бариера, над која врнежите ќе бидат од снег се очекува да биде 1.400 м.н.м. Најпрво се очекува (денес попладне и во текот на ноќта) врнежите да бидат поинтензивни во западните делови од земјата, за во текот на утрешниот ден да се прошират на повеќе места и да ги зафатат и источните делови. Особено во текот на ноќта спроти среда и во среда претпладне се очекува да бидат пообилни во источните делови каде се очекува на места да наврнат и над 30 литри на метар квадратен дожд, информира УХМР.